Како плажата да стане “сала за вежбање”?

Како плажата да стане “сала за вежбање”?

 

Годишните одмори се веќе во тек, па можеби и токму оваа статија ја читате ужвајќи на некоја плажа.

Искористете ги часовите покрај езеро или море за максимално да се опуштите и релаксирате од обврските кои повторно ви претстојат кога ќе се вратите во секојдневието.

Плажата освен за уживање, сончање и капење, искористете ја и како простор за вежбање, вашата “сала за вежбање” на отворено, бидејќи телото и здравите навики на кои посветено работевте преку целата година, не треба да ги запоставите ниту додека сте на одмор.

Се разбира, не треба да се форсирате, но нека овие лесни вежби бидат дел од активностите за забава и разонода додека сте на плажа.

 

Лесно џогирање

Трчањето на плажа е одлична кардио вежба за на плажа во утринските часови. Со ваквото трчање согорувате  многу повеќе калории, бидејќи песокот не е статична подлога, па телото вложува повеќе напор за да одржи баланс. Поради мекоста и структурата на песокот, можеби трчањето ќе ви биде попријатно доколку трчате боси и по мокриот песок, блиску до водата. Пробајте, но и внимавајте да не се повредите или да не стапнете на остар камен, дрвце или стакло.

Пленк

Едноставна вежба која за која не ви е потребна никаква спортска опрема, а држењето на телото на рацете ќе ви биде поудобно доколку ги поставите на пешкир. Подигнете го телото на лактите, држете го исправено и стегнете ги стомачните мускули. Задржете го телото колку што можете и направете повеќе повторувања. Секогаш трудете се да издржите неколку секунди подолго од минатиот пат.

Стомачни вежби

Наместо да лежите додека се сончате, можете истовремено и да ги зацврстите стомачните мускули. Легнете на грб, свиткате ги колената во насока на стомакот, торзото. Подигнете го и грбот, а рацете држете ги право, да бидат паралелни со подот (песокот). Задржете го телото неколку секунди во оваа положба, па вратете се во првобитната положба. Направете неколку серии од 10-15 стомачни.

 

Јога

Рано наутро или пак, на зајдисонце, плажата е идеално место каде може да вежбате јога. Поздравот на сонцето уште поефективно ќе го извежбате при неговото изгревање или заоѓање.  На крајот од вежбањето пробајте и да медитирате. Енергијата на водата и сонцето ќе допринесат и за зголемување на вашите енергетски нивоа.

 

 

Нашите летни совети до вас:

Грижете се за вашето здравје и тело и додека сте на одмор. Направете некоја од овие лесни вежби, внесувајте многу вода и течности, држете се до здравата, лесна и свежа храна и не заборавајте редовно да нанесувате заштитен фактор на кожата. Избегнувајте ги најтоблите делови од денот и уживајте. Наполнете ги батериите со нова позитивна енергија, која ќе ве држи со елан во периодот кој ви предстои.